„Зборува Радио Слободна Европа - програма на македонски јазик.“
Со овие зборови на 1 септември 2001 година започна емитувањето на програмата на Радио Слободна Европа на македонски јазик од студиото во Прага.
Оттогаш во овие речиси 25 години постоење низ него беа емитувани десетици илјади емисии во кои продефилираа илјадници соговорници - политичари, аналитичари, бизнисмени, пејачи, уметници. Но, најмногу обични граѓани за кои нашиот медиум беше отворен.
Илјадници стории, стотици радио емисии и телевизиски интервјуа, десетици проекти, и најмалку 50-тина медиумски работници поминаа низ редакцијата на Радио Слободна Европа на македонски јазик во изминатите години колку што постоеше на македонската медиумска сцена.
No media source currently available
По децении присуство, медиумот кој важеше за еден од ретките конзистентни извори на проверени и независни информации го завршува своето работење, оставајќи празнина на медиумската сцена.
No media source currently available
Причината за затворањето на македонскиот сервис на радио Слободна Европа лежи во буџетската состојба на медиумот. Претседателот и извршен директор на Радио Слободна Европа, Стивен Капус изјави дека затворањето на македонскиот сервис е загуба за публиката што ја опслужува.
„Но, сегашната буџетска состојба на Радио Слободна Европа нè принудува повторно да ги приоритизираме начините на кои ги распределуваме нашите ресурси. Оваа одлука е донесена со длабока благодарност за работата што ја имаат направено овие тимови и за стандардот на извонредност што го одржувале“, изјави Претседателот и извршен директор на Радио Слободна Европа, Стивен Капус.
Претходно, беше донесена одлука за затворање и на сервисите во Бугарија, Романија. И тие прекинуваат со емитување на 31 март. Во декември минатата година беше затворен и унагрскиот сервис на Радио Слободна Европа, како и бирото во Црна Гора.
No media source currently available
Слобода, објективност и професионалност се вредностите што ги споделуваа сите вработени и провејуваа низ сите медиумски производи. Редакцијата ѝ понуди на публиката содржини кои беа препознавани како релеватни, објективни и независни.
Новинарите во изминативе речиси три децении во РСЕ ги исполнија највисоките стандарди на објективно новинарство и известување со фактите, недопрени од притисок или од обиди за влијание.
No media source currently available
Во изминативе 25 години стекнавме доверба и кај публиката, и кај останатите медиуми. Македонските медиуми речиси секојневно нè цитираа.
Радио емисиите се работеа во Прага и Скопје и беа емитувани на локални радио станици. Низ гласовите на Гоце Атанасов, Љупчо Наќев и Зоран Ќука, граѓаните добиваа навремени и точни информации за политичките случувања во земјава и светот.
No media source currently available
Во време на политичка поларизација, преку теренската работа на новинарите дознаваа за протести против системските пропусти, мигрантската криза, за етничките тензии, за судските процеси на поранешни функционери и за потребата од унапредување на човековите и граѓански права и слободи.
No media source currently available
Еден од најпрепознатливите новинарски производи на Радио Слободна Европа беше неделното интервју кое редовно беше преземано од националните телевизии во земјава и од сите медиуми.
Пред камерата на РСЕ зборуваа многу македонски функционери, премиери, претседатели, странски амбасадори, политичари и аналитичари.
Гостуваа и странски дипломати како генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, поранешните и актуелни еврокомесари како Штефан Филе, Јоханес Хан и Каја Калас.
Но најважното се слушаше гласот на граѓаните.
No media source currently available
Работата беше надополнета и со истражувачки стории, кои беа препознаени од медиумските куќи во земјава, но и од граѓаните и публиката.
Голем дел од своето дигитално постоење, Радио Слободна Европа го посвети и на теми и приказни што ги интересираат младите. Со проектот Моја порака кој беше дел од Нова генерација на младите им помогнавме да се слушне нивниот глас. Јавноста ја запознавме со нивните предизвици и успеси.
No media source currently available
Камерата на РСЕ ја „улови“ и радоста на децата со попречености во домовите на згрижувачките семејства во Крушево.
No media source currently available
Реакцијата вложи сериозни напори да ги направи видливи тие што општеството ги има исклучено.
No media source currently available
Пишувавме и за обидот на стотици хумани граѓани да му ја исполнат роденденската желба на основецот Леон, кој има аутизам, за весел роденден со многу гости и подароци.
No media source currently available
Основната мисија на РСЕ е промоција на демократски вредности и институции, унапредување на човековите права со известување и вести во земји каде што слободното новинарство е попречувано од Владата или не е целосно воспоставено. Но, и специјални проекти, како на пример: за младите Нова генерација, за состојбите во здравството, њузлетерот „Што треба да знаете“, поткастот „Зошто“, „Да биде појасно“ и многу други...
Згаснувањето на РСЕ значи загуба на еден глас на објективноста и медиум кој беше доказ дека новинарството може да се работи со интегритет. Веста за затворањето предизвика реакции кај новинарската заедница и граѓанскиот сектор, каде што се оценува дека станува збор за значајна загуба за медиумскиот плурализам во земјата.
-
Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија во 2008-та година. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје. Во 2015-та година е добитничка на награда од УНХЦР за професионално известување за состојбата со бегалците, како и на неколку признанија за истражувачки стории. Од 2023 година работи како истражувачки новинар во Радио Слободна Европа, главно на теми поврзани со високо-профилен криминал и корупција.