Во Канада од декември ќе се продаваат прехранбени производи врз база на канабис

Прехранбени производи врз база на канабис ќе почнат да се продаваат во декември во Канада, соопшти владата, додавајќи дека нема да има канабис во производите кои им се омилени на децата, како што се бонбони и лижалки.

Новите прописи, кои стапуваат на сила една година по легализацијата на канабисот во рекреативни цели од октомври 2018 година, ќе се однесуваат и на екстрактот од канабис и на дерматолошките производи.

Ќе бидат воведени и строги правила за тие производи да им бидат што помалку привлечни на младите луѓе, меѓу кои и неутрална амбалажа и тешко отворање на производите, како и ограничување на одредени состојки, бои и ароми.

Според новите прописи, храната и пијалаците врз база на канабис, не може да содржат повеќе од 10 милиграми ТХЦ – психоактивната состојка од растението. За екстрактите и дерматолошките производи, максималната дозволена доза ќе биде 1000 милиграми по пакување.

Канабисот беше легализиран во Каната на 17 октомври, а граѓаните досега можеа да го набават преку порачка на интернет страницата на една невладина организација, која доби дозвола за дистрибуција на марихуана.

Со тоа Канада стана втората држава во светот која ја легализираше марихуаната во рекреативни цели, пет години по Уругвај. Одредени американски сојузни држави исто така дозволија употреба на марихуана во рекреативни цели, но таа легализација не важи на целата територија на САД.