Пакистанските пратеници усвоија закон со кој се овозможува хемиска кастрација за сериски силувачи. Носењето на закон е поради зголеменото барање на јавноста за акција од страна на властите по неколкуте случаи на силување и сексуална злоупотреба на деца.
Законот усвоен на денешната седница на Парламентот предвидува владата да формира специјални судови за да ги забрза судењата за случаи за силување и да обезбеди можност ваквите случаи да се решаваат експедитивно, по можност во рок од четири месеци.
За да стапи законот на сила треба да го потпише претседателот Ариф Алви.
Хемиската кастрација е лек или хормонски третман кој привремено го потиснува сексуалниот нагон.
Невладината организација „Војна против силување“ со седиште во Карачи проценува дека помалку од 3 отсто од случаите на сексуални напади и силувања резултираат со осудителна пресуда.
Активистите за човекови права тврдат дека реформите во пакистанската полиција и судството и зголемувањето на кампањите за подигање на свеста кај родителите, децата и заедниците се најдобриот пристап за борба и спречување на сексуалната злоупотреба.