Павел инаугуриран за претседател на Чешка

Новоизбраниот чешки претседател Петр Павел се заколна на чешкиот устав за време на церемонијата на инаугурација во Прашкиот замок во Прага, Чешка, 9 март 2023 година

Новиот чешки претседател, генералот во пензија Петр Павел на 9 март положи заклетва и го започна петгодишниот мандат.

Павел кој има 61 година е поранешен началник на Генералштабот, а подоцна и втор човек на НАТО.

Во својот говор по полагањето заклетва новиот претседател рече дека сака да се вратат достоинството, почитта и пристојноста кај функционерите и во политиката.

Тој го критикуваше раширеното чувство дека Чешка е премногу мала за нејзиниот глас да се слушне во светот или е премногу слаба за да го промени ставот на посилните партнери.

„Тоа чувство можеби доаѓа од фактот дека историјата честопати не била љубезна кон нас. Сакам заедно да ја надминеме таа сенка. Да не ги комплицираме едноставните работи, да не создаваме пречки за да не правиме ништо. Да не чекаме големите земји да смислат решение. Каде пишува дека најпаметни се најголемите“, рече Павел.

Новоизбраниот чешки претседател Петр Павел заедно со неговата сопруга Ева Павлова пристигнуваат на церемонијата на инаугурација во Прашкиот замок во Прага, Чешка, 9 март 2023 година.

Новиот чешки претседател предупреди и дека единствениот глас на Централна Европа ќе биде важен за помош на Украина.

На Чесите им вети дека ќе продолжи со редовните посети на сите региони во државата за директно да слушне од народот што ги мачи и какви решенија предлагаат, а најави дека наскоро ќе објави и конкретен план за акција во првите 100 дена.

Во чест на претседателот Павел, чија страст и хоби се моторите, низ Прага помина поворка од 150 мотоциклисти од различни делови на Чешка.