Австрија го крена нивото на опасност од тероризам

Знамињата на Австрија и ЕУ (Илустративна фотгографија)

Австрија го крева нивото на предупредување за закана од тероризам, објави австрискиот министер за внатрешни работи Герхард Карнер.

На 18 октомври, на прес-конференција во Виена, тој рече дека тоа е таканаречената „портокалова шифра“, односно второто највисоко можно ниво на безбедност.

Како што објавија австриските медиуми, тоа значи дека оценката на властите е дека постои конкретна закана и зголемен ризик од напад во Австрија и дека е донесена поради ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток и терористичкиот напад во Брисел.

Видете и ова:

Белгиската полиција уби едно лице осомничено за убиството на двајца Швеѓани во Брисел

Се додава и дека одлуката била донесена на состанокот на Државниот совет за безбедност на 17 октомври во присуство на канцеларот Карл Нехамер и министерката за одбрана Клаудија Танер.

Последен пат пак, безбедноста беше подигната на тоа ниво по терористичкиот напад во центарот на Виена на 2 ноември 2020 година, во кој загинаа четири лица, а повеќе од 20 лица беа повредени.