Девет загинати во напад во Пакистан

Пакистан, илустративна фотографија.

Девет лица, меѓу кои двајца војници, загинаа во напад на милитанти на автобус во Пакистан, додека 26 се повредени, соопшти локалната полиција на 3 декември.

Нападот се случил на северот на земјата на автопатот Каракорам кој ги поврзува Пакистан и Кина.

Тој пат минува низ провинцијата Хајбер Пахтунхва, која во минатото беше жариште на тероризмот поради присуството на пакистанските талибанци и други милитантни групи.

Видете и ова:

Извештај за тероризам 2022: Пад на терористичките напади, ИСИС одговорна за најголемиот дел од нив

Пакистанските власти соопштија дека во саботата вечерта било пукано на автобус на линијата Гилгит-Равалпинди, дека возачот изгубил контрола и удрил во камион кој се запалил, а дека двајцата возачи загинале на лице место, а повеќе од 20 патници се повредени.

Началникот на полицијата во Гилгит нападот го нарече терористички чин.

Привремениот пакистански премиер Анвар ул-Хак Какар го осуди нападот.

„Нема да им се дозволи на антидржавните елементи да го саботираат мирот во Гилгит Балтистан. Ќе ја продолжиме борбата против терористите“, рече Какар.

Државата формираше специјална единица за да го истражи нападот.

Мухамед Хорасани, портпарол на пакистанските талибанци, негираше дека групата стои зад нападот.

Засега никој не ја презеде одговорноста за нападот на автопатот Каракорам.