Параолимписката ѕвезда Оскар Писториус во петок излегува од затвор

Оскар Писториус за време на неговото судење, Преторија, Јужна Африка, 16 октомври 2014 година.

Поранешниот јужноафрикански параолимписки шампион Оскар Писториус ќе биде пуштен од затвор на условна слобода во петок, на 5 јануари, речиси 11 години по убиството на својата девојка, со забрана за зборување за медиумите.

„Како и другите лица на условна слобода, на Писториус не му е дозволено да дава интервјуа за медиумите. Фактот што Писториус и е познат на пошироката јавност не го прави различен од другите притвореници и не оправдува посебен третман“, се вели во соопштението, пишува АФП.

37-годишниот Оскар Писториус доби условна слобода на крајот на ноември и во петок треба да биде пуштен од затвор во предградието на Преторија.

Официјалните лица не го открија времето или логистичките детали од „безбедносни“ причини.

На новинарите присутни пред затворот нема да им се даде можност да го фотографираат или снимаат Писториус, предупреди управата на затворот.

Видете и ова:

Писториус се соочува со повисока затворска казна

На 14 февруари 2013 година, Писториус ја застрела својата девојка Рива Стинкамп преку затворена врата од бањата во неговиот дом во Преторија, откако, како што рече, мислел дека има провалник во куќата.

Обвинителите тврдеа дека 29-годишната манекенка и реалити ѕвезда по расправија втрчала во бањата, а Писториус ја убил во напад на бес.

Тој првично беше осуден за убиство од небрежност и доби петгодишна затворска казна, но подоцна Апелациониот суд ја укина пресудата и го осуди за убиство.

Тој првично беше осуден на шест години затвор, но по жалба на обвинителството беше осуден на 13 години и пет месеци затвор.

Кога беше објавено неговото привремено ослободување, мајката на жртвата, Џун Стинкамп, рече дека сè уште не верува во „верзијата на Оскар“ и додаде дека е убедена дека тој „не се рехабилитирал“ во затвор.

Како дел од условното ослободување до крајот на казната во 2029 година, Оскар Писториус мора да оди на терапија за управување со гневот и насилство врз жените.