Најмалку осум лица загинаа во нов бран руски напади врз Украина

Пожарникарите се борат со пожарот што избувна по напад на руски дрон во Харков, североисточна Украина, 10 февруари 2024 година.

Најмалку осум лица загинаа, а неколку други беа ранети во нова серија напади со руски беспилотни летала и гранатирање на 10 февруари, кои исто така ја оштетија пристанишната инфраструктура клучна за извозот на храна на Украина, соопштија воените и регионалните власти.

Во напад со беспилотно летало на бензинска пумпа во источниот град Харкив – втор по големина во Украина – загинаа седум лица, меѓу кои три деца, а уште три беа ранети, изјави регионалниот гувернер Олех Синјехубов на Телеграм рано на 10 февруари.

Главниот обвинител во Харкив, Олександр Филчаков, на Телеграм изјави дека три беспилотни летала ја погодиле бензинската пумпа во областа Немишлијански.

Видете и ова:

Што ни кажува неизбежниот пад на Авдијивка за расположението на украинскиот фронт?

Градоначалникот на Харкив, Ихор Терехов, претходно изјави дека горивото од оштетената бензинска пумпа запалило неколку околни куќи и дека околу 50 луѓе биле евакуирани од областа.

„Во еден од домовите се пронајдени тела на пет лица, меѓу кои и три деца“, рече Синјехубов, додавајќи дека две деца се на возраст од 4 и 7 години, додека третото е 6-месечно бебе. „Уште две лица загинаа во друг дом“, рече Синјехубов.

Во областа Херсон, руските војници го гранатираа селото Велетенске, при што загина една жена, а се ранети нејзините постари родители, објави регионалната воена администрација на Телеграм.

„Погодена е станбена зграда во која живеело семејство. Родителите се ранети, нивната ќерка починала на лице место“, пишува во извештајот.

Во јужниот регион на Одеса, четири лица се ранети од руски беспилотни летала, изјави регионалниот гувернер Олех Кипер.

Тој рече дека девет беспилотни летала Шахед од иранско производство биле лансирани кон пристанишниот град Одеса на Црното Море, а сите биле соборени од украинската воздушна одбрана.

„Остатокот од еден од соборените беспилотни летала ја оштети пристанишната инфраструктура, а пристанишен работник е ранет и е хоспитализиран“, напиша Кипер на Телеграм.

Вториот и третиот бран руски беспилотни летала биле насочени кон украинското пристаниште Измајил на Дунав, рече Кипер, додавајќи дека пристанишната инфраструктура и техничките капацитети се оштетени заедно со камиони и автомобили. Цивилните домови и патишта беа исто така оштетени од нападот, и покрај тоа што воздушната одбрана уништи 12 беспилотни летала, рече Кипер.

„Тројца пристанишни работници се ранети … Сите се хоспитализирани. Една од жртвите е во тешка состојба“, рече тој.

Видете и ова:

Новиот командант на украинската армија повика на промена на методите на војување

По пропаѓањето на договорот постигнат со посредство на Обединетите нации во јули лани, кој дозволува безбеден премин на украински пратки жито од пристаништата на Црното Море, Украина ги користи своите пристаништа Рени и Измајил на Дунав на границата со Романија за да испорача храна до романското пристаниште Констанца на Црното Море.

Одделно, украинските воздухопловни сили известија дека Русија лансирала вкупно 31 беспилотно летало во украинските региони Харкив и Одеса на 10 февруари. Украинската противвоздушна одбрана соборила 23 беспилотни летала.