Парламентот на Мадагаскар усвои закон со кој се дозволува хемиска, а во некои случаи и хируршка кастрација на осудените за силување малолетници, што наиде на критики од меѓународните групи кои се занимаваат со заштита на човековите права, но и со поддршка од активисти во земјата кои сметаат дека тоа е соодветно решение за сузбивање на „културата на силување“.
Собранието на островската држава во Индискиот Океан со 28 милиони жители го одобри законот на 2 февруари, а Сенатот, Горниот дом, го одобри претходната недела. Сега тој мора да биде одобрен од Високиот уставен суд, а мора да биде прогласен и за валиден од претседателот Андри Рајоелина, кој прв го покрена ова прашање во декември. Неговата влада предложи законски измени.
Видете и ова:
Пакистан усвои закон за хемиска кастрација на силувачиМинистерот за правда, Ланди Мболатјана Рандријаманантенасоа изјави дека ова е неопходен потег, поради зголемениот број случаи на силувани деца. Во текот на 2023 година се евидентирани 600 случаи на силување на малолетници, додека во јануари годинава имало 133 случаи.
„Мадагаскар е суверена држава која има право да ги менува своите закони, во зависност од условите и општиот интерес на народот. Сегашниот Кривичен закон нема никакво влијание врз сторителите на овие злосторства“, рече министерот.
Законот предвидува дека хируршката кастрација „секогаш ќе се изрекува“ како казна за оние што ќе бидат прогласени за виновни за силување на дете помладо од 10 години. Случаите на силување на деца на возраст од 10-13 години ќе се казнуваат со една од двете опции, додека силување на малолетници на возраст од 14 до 17 години ќе се казнува со хемиска кастрација.
Прекршителите, исто така, се соочуваат со строги казни – покрај кастрација, и затвор кој може да биде и доживотен казна.
„Сакавме многу повеќе да ги заштитиме децата. Колку е помладо детето, толку е построга казната“, вели Рандријаманантенасоа.
Хемиска кастрација значи употреба на лекови кои ги блокираат хормоните и ги намалуваат сексуалните нагони. Тоа е главно реверзибилно ако се прекине терапијата, додека хируршката кастрација е трајна.
Неколку земји, како и некои американски држави – меѓу другите, Калифорнија и Флорида – дозволуваат хемиска кастрација за некои сексуални престапници, додека хируршката кастрација е многу поретка. Употребата на двете казни е контроверзна.
Амнести интернешенел го критикуваше новиот закон како „нехумана и понижувачка процедура“ која не е во согласност со уставните закони на Мадагаскар. Законот треба да се фокусира на заштита на жртвите, рече Нчико ва Нчико, советник на Амнести за Мадагаскар.
„На островот, постапките за поплаки и судења не се спроведуваат анонимно, нема доверба во кривичниот систем, поради недостиг на транспарентност и корупција. Одмаздите против жртвите на силување се чести, но законот не се занимава со тоа“, истакна тој.
Видете и ова:
Украинскиот Парламент одобри хемиска кастрација на педофили
Тој додаде дека хируршката кастрација е проблематична казна доколку некој што бил подложен на неа подоцна бил ослободен во постапката за жалба на пресудата. Тој изрази сомнеж и во способноста на медицинскиот персонал да ги изврши овие зафати.
И покрај критиките, одредени активисти во Мадагаскар се согласуваат со измените на законот, бидејќи ништо друго досега не функционирало.
„Навистина постои култура на силување во Мадагаскар. Ние сме во процес на нормализирање на одредени случаи на сексуално насилство и минимизирање на нивната сериозност“, рече Џесика Лолонирина Нивосехено од групата „Жените ја прекинуваат тишината“ која води кампања против силувањето и дава поддршка на жртвите.
Таа смета дека новиот закон може да ги спречи потенцијалните напаѓачи, но само доколку граѓаните се свесни за постоењето и значењето на новите казни.