Нов бран напади со дронови и ракети во Украина и во Русија

Пожарникарите го гасат пожарот во станбена зграда оштетена од руски воздушен напад во градот Купјанск, 12 март 2024

Русија и Украина разменија напади со беспилотни летала и ракети рано денеска (12 март). Последните извештаи зборуваат за напад на складиште за нафта и рафинерија во Русија и уништена станбена зграда во украинскиот град Купјанск.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека девет нејзини региони биле нападнати од украински дронови, додека украински проектили исто така биле соборени над регионот Белгород рано во вторник

Министерството соопшти дека 25 украински беспилотни летала биле „пресретнати и уништени“.

„Единаесет беа соборени над областа Курск, седум над Белгород, а останатите над регионите Брјанск, Ленинград, Москва, Ориол и Тула“, соопшти Министерството.

Имаше извештаи за соборување на уште еден дрон над градот Воронеж во западна Русија.

Украина не ги коментираше извештаите.

Видете и ова:

Украина објави дека соборила 35 руски беспилотни летала

Гувернерот на Белгород, Вјачеслав Гладков, на Телеграм изјави дека украинско беспилотно летало фрлило четири експлозивни направи во неговиот регион. Гладков рече дека една жена била ранета во Шебекин, додека куќите и патиштата исто така биле оштетени, а неколку села останале без струја.

Тврдењата не можеа да бидат независно проверени.

„Во регионот Орјол, дрон удрил во складиште за нафта, предизвикувајќи пожар“, соопштија локалните власти, додавајќи дека 17 лица се евакуирани од околните високи згради.

Во Нижни Новгород, беспилотно летало удрило во складиште за нафта кое се запалило, соопшти гувернерот на регионот, Глеб Никитин, кој напиша дека се во тек напори за гаснење на пожарот.

Видете и ова:

Украина одби нов бран напади со руски дронови, соопшти војската

Украинската државна служба за вонредни состојби, пак, соопшти дека Русија на 12 март фрлила бомба врз станбена зграда во градот Купјанск, во источниот регион Харков. Бомбата предизвикала голема штета и предизвикала неколку пожари, но засега нема извештаи за жртви, соопшти службата во порака на Телеграм.

Во западниот украински регион Тернопил, регионалната воена управа извести дека напад на руско беспилотно летало ја оштетил инфраструктурата, но засега нема информации за жртви.

„Имаше пожар во една од инфраструктурните објекти во областа Кременец, 19 единици специјална опрема, 73 персонал и тактички робот беа вклучени во гаснењето на пожарот“, се вели во извештајот.

Украинската војска соопшти дека нејзините системи за противвоздушна одбрана собориле 17 од 22-те беспилотни летала лансирани од Русија.