Кинески патроли за време на поморските вежби на САД со сојузниците

Кинески борбен авион патролира над Јужното Кинеско Море, 6 август 2016 г.

Кинеската војска во неделата соопшти дека извршила воздушни и поморски патроли и дека сите активности што „го реметат Јужното Кинеско Море“ се под контрола, што се чини дека е одговор на поморските вежби на САД и сојузниците.

Шефовите на одбраните на САД, Јапонија, Австралија и Филипините во саботата објавија дека ќе одржат заеднички вежби во Јужното Кинеско Море за да го заштитат владеењето на правото и да го поддржат правото на навигација и летање над морето.

Кина е во долготрајни територијални спорови со голем број земји од Југоисточна Азија во Јужното Кинеско Море, кое се наоѓа на значајна бродска патека. Конкретно, конфликтите со Филипините се разгореа од минатата година.

Видете и ова:

Делегација на американскиот конгрес вети континуирана поддршка за одбраната на Тајван

Како поддршка на Филипините, САД извршија заеднички патроли со таа земја. Кина вели дека САД подгреваат тензии со мешање во спорови.

Во кусото соопштение кинеската војска соопшти дека организирала патроли и дека „сите воени активности кои го реметат Јужното Кинеско Море и создаваат жаришта се под контрола“.

Во соопштението не се споменуваат американските или заедничките вежби.

Исто така, САД и нивните сојузници не ја споменаа Кина во нивната изјава, но четирите земји ја потврдија својата позиција дека пресудата на меѓународната арбитража од 2016 година – со која се отфрлија експанзивните барања на Кина во Јужното Кинеско Море – е конечна и правно обврзувачка.

Зголемените тензии во спорните води се очекува да бидат високо на агендата кога американскиот претседател Џо Бајден ќе биде домаќин на неговите јапонски и филипински колеги на самитот во Белата куќа оваа недела.