Мерка притвор од 48 часа за заменик-директорот на косовската полиција во Србија

Дејан Јанковиќ, заменик директорот на косовската полиција

Министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља, соопшти дека врз основа на информациите со кои располага, на заменик генералниот директор на косовската полиција Дејан Јанковиќ му е одредена мерка притвор во траење од 48 часа.

Според него, тој е обвинет за уривање на уставниот поредок на Србија.

На прес-конференцијата по седницата на Владата, Свечља рече дека ден претходно „најмалку 1.498 граѓани биле приведени, малтретирани, дека некои биле уапсени и испрашувани во врска со нивното минато, врските со ОВК, нивното или учеството на членовите на семејството во ОВК. како и нивните активности во текот на 1998-99 година“, рече тој.

Тој повика на ослободување на Јанковиќ, но и на другите граѓани на Косово кои според неговите информации се во притвор.

Видете и ова:

Османи: Србија држи во заложништво петмина косовски полицајци

Министерството за внатрешни работи (МВР) потврди дека на Јанковиќ му е одреден притвор до 48 часа.

Како што беше соопштено, притворот на Јанковиќ е определен „за утврдување на фактите и потребните проверки во однос на безбедноста на Република Србија“.

Претходно, Министерството за внатрешни работи на Србија соопшти дека четворица припадници на косовската полиција биле приведени во средата на 17 април на територијата на Србија при гранична контрола, а еден од нив е приведен.

За случувањата реагираа и амбасадорите на САД и на Германија во Косово, а на прашање на Радио Слободна Европа се огласи и Стејт департментот.

Американскиот амбасадор Џефри Ховениер изрази загриженост поради апсењето на заменик-генералниот директор Јанковиќ, но и надеж дека ќе биде ослободен.

„Тој (Јанковиќ) е некој што го познаваме долги години, етнички Србин и припадник на косовската полиција кој вложи многу време и енергија во полицијата, помагајќи ја интеграцијата на српската заедница во косовската полиција“, изјави Ховениер по средбата што ја имаше со косовската претседателка Вјоса Османи.

Од Стејт департментот, пак, ја повика Србија да се воздржи од еднострани и некоординирани дејствија и целосно да ги почитува договорите постигнати во рамките на дијалогот меѓу Косово и Србија, кој се води со посредство на ЕУ.

Во одговорот за РСЕ, оттаму ги повикуваат властите во Србија да дејствуваат транспарентно и со целосно почитување на владеењето на правото кога станува збор за притворените граѓани од Косово.

„Произволни или неразумно долги притвори, особено ако се насочени кон полицајците на Косово, ќе се гледаат како ескалација на ситуацијата, што им штети на мирот и стабилноста“, рече портпаролот на американскиот Стејт департмент за РСЕ на 18 април.

Видете и ова:

Без договор заврши новата рунда разговори за употребата на динарот во Косово

Тој додаде дека случаите на апсење мора брзо да се разгледаат и изрази надеж дека полицајците на Косово, кои сè уште се во притвор во Србија, ќе бидат ослободени.

Во одговорот се наведува и дека договорот за слободата на движење, постигнат во рамките на дијалогот, „обезбедува јасни параметри за влез и излез на косовските граѓани во и надвор од Србија“.

Германскиот амбасадор Јорн Роде, пак, преку социјалните мрежи обвини дека е неприфатливо приведувањето на косовски полицајци во Србија.

„Деескалација веднаш! Притворањето на косовските службеници задолжени спроведување на законот, вклучително и косовски Срби, од страна на српските власти е неприфатливо и секако не е она што може да се очекува од земја кандидат за членство во ЕУ. Ова мора веднаш да заврши“, напиша Роде на платформата Икс.

Тој порача и оти очекува политичарите од редовите на косовските Срби да зборуваат во име на своите сограѓани.