Украина ги ограничи конзуларните услуги за воено способните мажи кои живеат во странство

Дмитро Кулеба, министер за надворешни работи на Украина, 29.3.2024 година

Украина ги ограничи конзуларните услуги во своите дипломатски претставништва за мажи на возраст за регрутирање (од 18 до 60 години) кои живеат во странство, додека Киев се обидува да го зголеми бројот на војници во борбата против руската инвазија.

Министерот за надворешни работи на Украина, Дмитро Кулеба, на мрежата Икс (поранешен Твитер) напиша дека наредил ограничувања затоа што „престојот во странство не го ослободува граѓанинот од должностите кон татковината“, пишува Радио Слободна Европа на англиски јазик.

„Како изгледа сега: човек на воена возраст оди во странство и ѝ покажува на својата земја дека не се грижи за нејзиниот опстанок. Потоа се враќа и сака да добива услуги од оваа земја. Тоа не функционира така. Земјата е во војна“, напиша Кулеба.

Кулеба додаде дека во наредните денови ќе го разјасни процесот за легално добивање конзуларни услуги во странските дипломатски претставништва на Украина за мажи на воена возраст, бидејќи стапува на сила законот за мобилизација што го потпиша украинскиот претседател Володимир Зеленски на 16 април.

Според тој закон, сите мажи на возраст меѓу 18 и 60 години мора да ги ажурираат своите информации во воените центри за регрутирање низ целата земја.

Видете и ова:

Зеленски потпиша нов закон за воена мобилизација во Украина


Непознат број Украинци избегаа од земјата откако Русија почна неиспровоцирана инвазија на Украина во февруари 2022 година, и покрај потегот на Киев да им забрани на мажите на воена возраст да ја напуштат Украина.

Стотици илјади Украинци кои работат во странство како работници - мигранти, исто така, не се вратија во Украина.

„Обврската за ажурирање на документите во воените центри постоеше и пред донесувањето на новиот закон за мобилизација. Ако некој верува дека додека едни се борат далеку на бојното поле и ги ризикуваат своите животи за оваа земја, други можат да останат во странство и да добиваат услуги од оваа земја, тогаш не, тоа не функционира така“, напиша Кулеба.

Новиот закон ги обврзува Украинците на возраст меѓу 18 и 60 години да ги информираат воените власти за нивните лични податоци, така што канцелариите за регрутирање ќе можат полесно да видат кој во кој регион може да се мобилизира.

Воено способните мажи се законски обврзани во секое време да носат документ за регистрација издаден од воената канцеларија. Службениците за регрутирање смеат да го побараат документот на улица.

Поради воена состојба, на мажите на воена возраст им е забрането да одат во странство, но нема процедура за повикување на украински мажи кои се надвор од државата.

Сепак, новиот закон предвидува од Украинците на кои им се потребни конзуларни услуги, како што е обновувањето на пасошот, да може да се побара да приложат документи за воена регистрација.