Либан и неговиот народ можат да сметаат на постојаната поддршка на ЕУ и со задоволство можам да објавувам пакет од една милијарда евра помош за земјата за периодот од 2024 до 2027 година, најави денеска претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, која во придружба на кипарскиот претседател Никос Христодулидес престојува во Бејрут.
„Тоа ќе придонесе за зајакнување на социо-економската отпорност на земјата и нејзината севкупна безбедност и стабилност“, истакна Фон дер Лајен.
Таа потенцираше дека нејзината денешна посета на Бејрут е силно сведоштво за континуираната поддршка на ЕУ за Либан и неговиот народ.
„Ова беше јасна порака на европските лидери на нашиот последен Самит и посветеност на обезбедување силна финансиска поддршка на земјата во справување на значајните предизвици со кои се соочува. Милијардата евра до 2027 година ќе ја обезбедат многу потребна помош за луѓето во Либан и ќе придонесат за неговата безбедност и стабилност“, додаде Фон дер Лајен.
Видете и ова:
Француски официјален претставник на разговори во Либан за спречување на војна меѓу Хезболах и ИзраелЦелта на пакетот економска помош е да се поддржи Либан во зајакнување на образованието, социјалната заштита и здравството, за спроведување на итните економски, финансиски и банкарски реформи, како и за поддршка на либанските вооружени и безбедносни сили со опрема и обука за контрола на границите и за борба против трговијата со луѓе и шверцот.
Посетата на Фон дер Лајен на Либан доаѓа по Специјалниот европски совет од 17 и 18 април, на кој беше потврдена решеноста на ЕУ да ги поддржи најранливите категории граѓани во Либан, вклучително и бегалците и внатрешно раселените лица, како и нивните домаќини. Европските лидери, исто така, ја потврдија и потребата да се создадат услови за безбедно, доброволно и достоинствено враќање на сириските бегалци, согласно одредбите на УНХЦР.
Од 2011 година, поддршката на ЕУ за Либан достигна над три милијарди евра, вклучително и 2,6 милијарди евра за поддршка на сириските бегалци и нивните домаќини во Либан.
ЕУ стравува дека стотиците илјади сириски беглаци од Либан би можеле да се упатат кон Кипар, во обид да дојдат на територијата на ЕУ.