Украина објави дека Русија го уништува градот Вовчанск

Постара жена евакуирана од областа Вовчанск, 12 мај 2024 година

Руските сили почнаа да го „уништуваат“ украинскиот град Вовчанск, а сите освен 200 жители на градот побегнаа од нападот, изјави гувернерот на регионот на 17 мај.

Москва минатата недела изврши ненадеен копнен напад врз североисточна Украина, напредувајќи кон неколку населени места, вклучувајќи го и Вовчанск, на само пет километри од границата.

„Непријателот почна да го уништува градот. Не само што е опасно да се биде таму, туку е невозможно“, рече гувернерот на Харкивската област Олег Синегубов на брифинг.

Тој рече дека руските сили се обидуваат да го опколат градот, кој пред војната имал околу 18.000 жители и дека украинските сили даваат „отпор“.

Видете и ова:

Зеленски ги одложи патувањата во странство поради „тешката“ ситуација на фронтот

Началникот на армијата Олександр Сирски изјави дека Русија ја проширила својата „борбена зона“ за 70 километри и се обидува да ја принуди Украина да ги повлече војниците од своите резерви.

„Разбираме дека нè очекуваат тешки битки и дека непријателот се подготвува за тоа“, рече тој.

Украина евакуираше речиси 9000 луѓе во текот на неделата, откако руските сили ја преминаа границата на 10 мај, испукувајќи силен артилериски оган врз неколку села.

Претставник на украинската полиција во четвртокот ги обвини руските војници дека заробиле десетици цивили во Вовчанск и ги користеле како „човечки штитови“ за одбрана на нивниот команден штаб.

АФП не можеше веднаш да го потврди тврдењето.

Руските војници претходно беа обвинети за егзекуција на цивили во делови на Украина што ги заробиле и контролирале од инвазијата во февруари 2022 година. Во април 2022 година, телата на десетици цивили, некои со врзани раце, беа пронајдени во киевското предградие Бух по неколкумесечната окупација од страна на руските сили.