Зеленски во Катар на разговори за враќање на украинските деца од Русија

Украинскиот претседател Володимир Зеленски.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски на 5 јуни пристигна во официјална посета на Катар, каде ќе разговара со катарскиот лидер во врска со враќањето на украинските деца депортирани од Русија.

Зеленски рече дека Катар „ѝ помага на Украина да ги врати децата киднапирани од Русија“ и дека планира да разговара со шеикот Тамим бин Хамад ал-Тани за продолжување на оваа работа во рамките на Меѓународната коалиција за враќање на украинските деца и мировниот самит што треба да се одржи во Швајцарија подоцна овој месец.

Видете и ова:

На Украинците со двојно државјанство им е забрането да ја напуштат земјата

Катар е активно вклучен во подготовките за мировниот самит и се очекува да стане еден од гласовите на Блискиот Исток за враќање на луѓето, за глобалните резерви на храна и нуклеарната и енергетската безбедност, рече Зеленски на Телеграм.

Тој, исто така, планира да разговара со Тани за билатерални, економски и општи безбедносни прашања.

Портпаролот на Зеленски, Серхи Никифоров, рече дека 107 земји и меѓународни организации го потврдиле своето учество на самитот на 15-16 јуни, на кој Украина се надева дека ќе добие широка меѓународна поддршка за нејзината визија за условите потребни за завршување на војната со Русија.