Претседателот на Филипините порача дека нема да војува, но и нема да се повлече

Брод на кинеската крајбрежна стража (фотоархива)

Филипините нема да и се предадат на „ниту една странска сила“, порача претседателот на оваа земја, Фердинанд Маркос Јуниор.

Неговата порака доаѓа откако кинеските сили повредија персонал на филипинската морнарица и оштетија најмалку два брода при судир во спорното Јужнокинеско Море.

По инцидентот, Маркос, заедно со генералите и шефот на одбраната на Филипините, отпатува во провинцијата Палаван, која се граничи со Јужнокинеското Море.

Нападот се случи додека филипинската морнарица се обидуваше да достави храна и други резерви на една од најспорните локации во оваа област.

Видете и ова:

Кина се заканува дека ќе им изрече смртни казни на „сепаратистите“ во Тајван

На видеата и фотографиите од конфронтацијата со кинеските сили кои ги објави филипинската војска, се гледа како припадници на кинеската крајбрежна стража удираат во брод на филипинската морнарица со дрвен столб и грабнуваат торба.

Кинеските власти велат дека морале да преземат акција откако филипинските сили ги игнорирале предупредувањата да не влегуваат во морската област за која Кина тврди дека и припаѓа нејзе.

Судирот предизвика бран на осуди од САД, ЕУ, Јапонија, Австралија и другите западни и азиски земји додека Кина и Филипините меѓусебно се обвинуваат кој започнал прв.

Советниците на филипинскиот претседател во петокот рекоа дека земјата нема намера да се повика на договорот за заедничка одбрана што Филипините го потпишаа со САД.

„Ние не се занимаваме со започнување војни. Во одбрана на нацијата, ќе останеме верни на она што е во филипинската природа и ќе се обидеме да ги решиме овие прашања по мирен пат“, рече Маркос, обраќајќи им се на филипинските сили.

За судирот со кинеските сили, началникот на армијата, генерал Ромео Браунер, рече дека нападнатиот персонал на морнарицата се бранел со голи раце, додека некои од Кинезите имале ножеви.

„Не отстапуваме. Нашиот смирен и мирољубив став не треба да се толкува како согласност. Историјата ќе ви каже дека Филипините никогаш во историјата не се потчиниле на странска сила“, рече Маркос.

Видете и ова:

ЕУ не ја казнува Кина со царини, вели германскиот министер за економија

Кинеските власти во Манила и Пекинг засега не ги коментираа изјавите на Маркос.

Територијалните спорови во кои се вклучени Кина, Филипините, Виетнам, Малезија, Брунеи и Тајван долго време се гледаат како точка каде Кина и САД би можеле да се судрат доколку конфронтациите на отворено море ескалираат во вооружен конфликт.

Вашингтон постојано нагласува дека има обврска да ги брани Филипините, нивниот сојузник во Азија со кои имаат договор за одбрана, доколку бидат нападнати.