Вучиќ и Курти не се сретнаа во Брисел

Вучиќ и Курти имаа одделни средби со европските претставници

И покрај најавите, српскиот претседател Александар Вучиќ и косовскиот премиер Албин Курти не се сретнаа во Брисел во рамки на дијалогот помеѓу Белград и Приштина за нормализација на односите помеѓу двете држави.

„Курти не сакаше да ме види. Три пати се вратив на состанокот, ми ги пренесоа неговите пораки, па јас одговорив. Човекот не сакаше да ме види. Тие рекоа дека не е подготвен за состанок со мене“, изјави Вучиќ пред медиумите во Брисел.

Тој нагласи и дека во разговорите со европските соговорници ја истакнал целосната посветеност на Белград за продолжување на дијалогот и за исклучиво мирно решавање на проблемите.

Вучиќ рече дека на билатералните средби било разговарано за сè што е поврзано со Косово и спроведувањето на договорот, а средбите во Брисел ги оцени како „успешни“.

Тој додаде дека главните преговарачи на Косово и Србија ќе ги продолжат разговорите следната недела - „во вторник или среда“.

Видете и ова:

Борел пред средбата на Вучиќ и Курти: Договореното мора да се спроведе

Во Брисел денеска се одржаа две рунди билатерални средби. Високиот претставник за надворешна политика и безбедност на Европската унија, Жозеп Борел и претставникот на ЕУ за дијалогот меѓу Белград и Приштина Мирослав Лајчак, имаа одделни билатерални средби со Вучиќ и Курти.

И покрај тоа што ЕУ најави дека по билатералните средби ќе се одржи трипартитна средба, тоа не се случи.

Борел: Курти претстави три услови

Информацијата дека немало средба помеѓу двајцата лидери бидејќи косовската страна не била подготвена подоцна ја потврди и Борел.

Тој наведе дека Курти претставил три услови во процесот за нормализација на односите со Србија.

„Прво, официјализирање на основниот договор со потпишување од соодветните шефови на држави и влади; повлекување на писмото со резерва што поранешната премиерка Брнабиќ официјално го депонираше во ЕЕАС, од 13 декември 2023 година, и екстрадиција на Милан Радоичиќ и неговата паравоена-терористичка група до косовските судски власти“, рече Борел.

Србија, според Борел, не била подготвена целосно да ги исполни условите на Косово, повикувајќи се на уставните ограничувања, додека претседателот на Србија, Александар Вучиќ, посочил дека е подготвен да ги истражи опциите за писмото на поранешната премиерка и за официјализирањето на Договор.

Видете и ова:

Вучевиќ: Србија е подготвена за компромиси во однос на Косово

Борел додаде и дека европската страна претставила нов предлог-план за имплементација на договорот.

„За жал, условеноста на имплементацијата не дозволи денеска дискусиите да се фокусираат на конкретни мерки за спроведување од страните“, посочи Борел.

Тој додаде дека ставовите на страните сè уште се далеку од тоа да би можело да се започне со имплементацијата на Договорот.

„Како што реков претходно, ЕУ сама не може да сака нормализација на односите ако самите страни не можат да се договорат како да продолжат. Улогата на ЕУ е да им помогне и да ги поддржи страните во нивните напори во рамките на дијалогот – и ова е она на што сме посветени“, рече Борел.

„Потребна е храброст на лидерите“

Тој потврди дека процесот ќе продолжи и дека специјалниот претставник на ЕУ Мирослав Лајчак следната недела ќе биде домаќин на двајцата главни преговарачи во Брисел со цел да продолжат разговорите за планот за имплементација на Договорот, како и за други прашања од дијалогот.

„Потребна е храброст, визија и политичка волја на лидерите за иднината на Косово и Србија и нивните граѓани. Како ЕУ, ние сме подготвени да помогнеме на секој чекор“, рече шефот на европската дипломатија.

Жозеп Борел ќе ја извршува функцијата шеф на европската дипломатија до есен. Оваа недела ќе се знае кој ќе го наследи. Мирослав Лајчак, пак, е назначен за амбасадор на Европската Унија во Швајцарија, но ќе дејствува како посредник во дијалогот додека не се најде негова замена.

Вучиќ и Курти последен пат се сретнаа на 14 септември минатата година. Потоа се разговараше за имплементацијата на планот за договор што лидерите го постигнаа претходно во 2023 година во Брисел и Охрид.

Видете и ова:

Заедницата на општини со српско мнозинство - пречка на патот на Косово кон Советот на Европа

Таа средба беше неуспешна, а заврши со тоа што косовскиот премиер отворено го обвини европскиот посредник Лајчак дека „не е неутрален“.

Договорите што беа постигнати на 27 февруари 2023 година во Брисел и анексот за спроведување што беше договорен на 18 март 2023 година во Охрид, немаат лидерски потпис бидејќи претседателот на Србија редовно го одбиваше.

Ниту една страна не постигна напредок кон спроведување на кој било елемент од овие договори. На крајот на октомври, имаше уште еден неуспешен обид за зближување на страните, каде беа вклучени и клучните лидери од европските земји: германскиот канцелар Олаф Шолц, францускиот претседател Емануел Макрон и италијанската премиерка Џорџа Мелони.

Курти и Вучиќ имаа одвоени средби со европските лидери, но договор не беше можен. Курти инсистираше на потпишување на пакет-договорот, а Вучиќ продолжи да го одбива.