Руски сателит се распадна во вселената

Меѓународна вселенска станица (архивска фотографија)

Руски сателит се распадна на повеќе од 100 парчиња во орбитата, принудувајќи ги астронаутите на Меѓународната вселенска станица да се евакуираат, соопшти американската вселенска агенција.

Засега нема информации што го предизвикало распадот на рускиот сателит за набљудување на Земјата RESURS-P1, кој беше деактивиран во 2022 година.

Американската вселенска команда на 27 јуни соопшти дека нема непосредна закана бидејќи набљудува каде одат остатоците од сателитот.

Рускиот сателит се распадна во средата околу 18:00 часот по средноевропско време, соопшти Вселенската команда.

Тоа се случи во орбитата во близина на вселенската станица, принудувајќи ги американските астронаути да се засолнат во нивното летало околу еден час, соопшти НАСА.

Видете и ова:

Меѓународната вселенска станица доби нови четворица астронаути

Радарите на американската компанија за вселенско следење ЛеоЛабс (LeoLabs) детектирале сателит кој ослободил неколку фрагменти до два часа по полноќ по средноевропско време, соопшти компанијата.

Американската вселенска команда, која има глобална мрежа на радари за следење на вселената, соопшти дека сателитот веднаш генерирал „над 100 парчиња отпад што може да се следи“.

Големите настани што создаваат остатоци во орбитата се ретки, но тие се зголемена загриженост, бидејќи вселената станува преполна со сателитски мрежи од витално значење за секојдневниот живот на Земјата, од широкопојасен интернет и комуникации до основните навигациски услуги.