Руската погранична област речиси целосно евакуирана, Украина продолжува со нападите

Видео објавено од украински војници и геолоцирано во градот Суџа во регионот Курск

Речиси целото цивилно население од областа Краснојарск во руската област Белгород е евакуирана, објави гувернерот на регионот, додека украинските сили продолжуваат да напредуваат во соседната област Курск.

„Повеќе од 11 000 луѓе си заминаа“, напиша гувернерот Вјачеслав Гладков на Телеграм рано во вторник (13 август).

„Во моментов има околу 1000 лица во привремено сместување“, додаде тој.

Пред војната, во тој округ живееле околу 14 000 луѓе, според Current Time - медиумски проект на руски јазик што го води РСЕ во соработка со Гласот на Америка.

Гладков најави евакуација на областа во понеделник и го затвори пристапот до областа. Началникот на округот, Андреј Мисков, рече дека останале околу 500, главно службеници, работници на итната помош и клучни експерти.

Округот Краснојарск граничи со Украина на запад и округот Белов во Курската област на север.

Видете и ова:

Русија евакуира уште еден регион поради закана од украинските сили

Во понеделникот, украинските сили објавија видео кое беше геолокацирано во центарот на градот Суџа во областа Курск. Точниот датум на видеото е нејасен, но се слушаат украински војници кои велат дека се уште не се сретнале со руските сили.

Руските воени блогери објавија дека Суџа, град на околу 10 километри од границата каде што живееле повеќе од 5000 луѓе пред војната, е под украинска контрола.

На 6 август, украинските сили извршија ненадеен упад во областа Курск и последователно зазедоа околу 1000 квадратни километри и бројни населени центри.

Видете и ова:

Зеленски: Западот да ги укине ограничувањата за оружје додека трае офанзивата во рускиот Курск

Украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека Москва го искористила пограничниот регион за да изврши околу 2100 напади врз украинскиот регион Сума од 1 јули.

Во понеделникот гувернерот на Курската област Алексеј Смирнов му пријавил на претседателот Владимир Путин дека 28 населени места се „под контрола на непријателот“.

Не е можно да се потврдат тврдењата на бојното поле, иако некои извештаи покажуваат дека украинските сили навлегле подлабоко на руска територија.