Најмалку 12 луѓе загинаа, меѓу кои и деца, при експлозија на бензинска пумпа во рускиот Дагестан

Архивска фотографија, експлозија на бензиска пумпа во Дагестан

Во експлозија и пожар на бензинска пумпа во рускиот регион Дагестан загинаа 12 луѓе, меѓу кои 2 деца, а други 11 беа ранети, објави руското Министерство за вонредни состојби на 28 септември.

Осум жртви се хоспитализирани, изјави рускиот заменик министер за здравство Алексеј Кузњецов за руските медиуми. Пожарот подоцна бил изгаснат.

Видете и ова:

Со осум мртви заврши заложничката драма во рускиот затвор


Експлозијата се случила на бензинска пумпа на периферијата на регионалниот главен град Махачкала, во близина на селото Нови Кушет, соопшти Министерството за вонредни состојби.

Махачкала се наоѓа на околу 1.600 километри јужно од Москва.

Министерството соопшти дека бензинската пумпа е целосно уништена.

Регионалните служби за итни случаи изјавија за агенцијата претходно дека расчистувањето на урнатините на местото продолжува.

Истражниот комитет во Дагестан отвори истрага за криминална небрежност и за тоа како безбедносните правила биле почитувани во станицата.

Властите го прогласија 28 септември за ден на жалост во спомен на жртвите од експлозијата.

Во август минатата година, во голема експлозија на бензинска пумпа загинаа 35 луѓе, а други 113 беа повредени.