Бајден во посета на Берлин, главна тема - Украина

Германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер го пречекува американскиот претседател Џо Бајден во палатата Белви во Берлин, Германија на 18 октомври 2024

Американскиот претседател Џо Бајден ќе разговара за Украина со лидерите на Германија, Франција и Велика Британија денеска (18 октомври) во Берлин. Посетата е еден ден откако украинскиот претседател Володимир Зеленски им претстави на лидерите на ЕУ и на највисоките претставници на НАТО низа мерки за кои рече дека ќе и помогнат на неговата земја да ја заврши кризата конфликтот и 31-месечната руска инвазија.

Посетата на Бајден на Берлин доаѓа откако Русија ги засили нападите врз украинските градови и инфраструктура, што кулминираше со, како што рече еден украински функционер, „еден од најмасовните“ напади со беспилотни летала врз земјата.

Бајден, кој во четвртокот пристигна во Германија, требаше да ја посети земјата минатата недела и да присуствува на состанокот на Рамштајн групата, позната и како Контакт група за одбрана на Украина.

Американскиот претседател најпрвин ќе разговара со својот германски колега Франк-Валтер Штајнмаер, кој, според најавите, ќе му го врачи Големиот крст на Орденот за заслуги, највисокото германско признание.

Потоа се планира разговор со германскиот канцелар Олаф Шолц, францускиот претседател Емануел Макрон и британскиот премиер Кир Стармер.

Видете и ова:

Украина го притиска Западот да го придвижи „Планот за победа“

Советникот за национална безбедност Џејк Саливан рече дека Бајден сака „да ја направи нашата посветеност на Украина одржлива и институционализирана на долг рок“.

Во четвртокот, Зеленски ги изнесе деталите од неговиот „план за победа“ на украинските сојузници во Европската Унија и НАТО додека се обидува да ги убеди да упатат покана до Украина да се приклучи на алијансата.

Сепак, НАТО сè уште нема дефинирано јасен рок за тоа, додека рускиот претседател Владимир Путин предупреди дека намерата на Киев да се приклучи на НАТО е една од причините поради која Москва ја започна инвазијата.

Видете и ова:

Русија извршила „масовен“ воздушен напад врз Украина

Во меѓувреме, Русија изврши еден од најголемите напади со беспилотни летала во Украина рано во петокот, изјави шефот на воената администрација на Киев, Серхи Попко.

Сè уште нема извештаи за можни жртви во нападот на Киев, кој траел повеќе од 4,5 часа, рече Попко.

Украинските воздухопловни сили соопштија дека нападите биле насочени кон регионите Киев, Черкаси, Житомир, Виница, Чернихив, Суми и Полтава, а во некои области сè уште е во сила воздушната тревога. Украинската воздушна одбрана соборила 80 од 135 дронови лансирани од Русија.