Белград го ограничи движењето низ центарот на градот по несреќата во Нови Сад

Србија - Преминот Безистан во центарот на Белград, 5 ноември 2024 година.

Градските власти на Белград на 5 ноември го ограничија движењето на граѓаните низ дел од преминот Безистан во центарот на градот. Во делот каде на настрешницата се гледа дека дел од таванот е одвоен од таванот, преминот е ограден со лента.

Ограничувањето следува неколку дена по несреќата што се случи на 1 ноември во Нови Сад, кога се урна настрешницата на неодамна реновираната Железничка станица при што загинаа 14 лица, меѓу кои и еден македонски граѓанин.

Три лица беа тешко повредени.

Градскиот урбанист на Белград, Марко Стојчиќ, најави дека во наредните денови надлежните служби ќе ги посетат сите јавни простори и јавни објекти во сопственост на Градот и ќе утврдат дали има потреба да се оневозможи користењето на одредени простори или делови од згради, со цел да се спречи потенцијална трагедија.

Видете и ова:

Министерот за градежништво на Србија најави оставка по несреќата во Нови Сад

Поради трагедијата со загинувањето на 14 лица во Нови Сад, за вечерта на 5 ноември е најавен масовен протест.

Како што е најавено, опозицијата во 18 часот ќе организира протест во близина на железничката станица.

Министерот за градежништво Горан Весиќ поднесе оставка, иако порача дека „не е виновен“.

Опозицијата бара оставка и од премиерот на Србија, Милош Вучевиќ и од градоначалникот на Нови Сад, Милан Ѓуриќ.