Русија протера британски дипломат поради наводни шпионски активности

Жена пред зградата на британската амбасада во Москва.

Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) денеска (26 ноември) извести дека е протеран Едвард Приор Вилкс, втор секретар во Политичкиот оддел на британската амбасада во Москва, обвинувајќи го за ангажирање во шпионски активности под дипломатско покритие.

Овој потег означува натамошна ескалација на затегнатите односи меѓу Русија и Обединетото Кралство, како одраз на продлабочената криза во односите меѓу Кремљ и Западот поради тековната инвазија на Москва врз Украина.

Во соопштението на ФСБ, Вилкс е идентификуван како дел од „непријавено разузнавачко присуство“ кое наводно функционира под маската на британската амбасада во Москва.

Службата тврди дека тој давал лажни информации кога аплицирал за влез во земјата. Ова, според нив, претставува кршење на рускиот закон.

Понатаму, го обвинуваат за вклученост во „разузнавачки и субверзивни активности“ кои претставуваат закана за националната безбедност на Русија.

На дипломатот, кој замени еден од шесте британски разузнавачи протерани од Русија во август, му е одземена акредитацијата.

Видете и ова:

Таен руски конзулат откриен во Бугарија

Руското Министерство за надворешни работи, во координација со други владини агенции, му нареди на Вилкс да ја напушти земјата во рок од две недели, се вели во соопштението.

Протерувањето доаѓа во време на зголемени тензии меѓу Русија и западните земји.

Руското тврдење за непријавени разузнавачки активности е во согласност со нејзиниот тековен наратив за странско мешање и шпионажа, што се интензивираше од почетокот на војната во Украина во февруари 2022 година и последователните западни санкции.

Од своја страна, Обединетото Кралство постојано ги негираше обвинувањата за шпионажа и ја обвини Русија за вклучување во агресивни контраразузнавачки тактики за да го потисне несогласувањето и да ги изолира странските мисии. Ваквата динамика резултираше со чести протерувања на дипломати.

Обвинението дека Вилкс давал лажни информации за време на процесот на аплицирање за виза ги покажува коордираните напори на Русија да ги контролира и надгледува странските дипломатски активности во нејзините граници.